Кошаркарите на Куманово вечерва на домашен терен го совладаа составот на Гостивар со резултат 81:73 во рамките на домашното првенство, со што заедно со натпреварите во БИБЛ лигата впиша шеста победа во низа.
Лош старт имаа избраниците на тренерот Игор Ѓорѓиевски кои во првата четвртина мака мачеа да влезат во ритамот. Тоа го покажа и семафорот на кој по десетте минути на паркетот прикажа резултат 16:29 за гостинската екипа.
Во втората четвртина „кумановци ги покажаа забите“. Доминираа во текот на овие десет минути игра и направија вистински пресврт во резултатот. На полувреме се замина со 39:37, односно предност од два поени за кумановци.
Добра игра домашниот состав имаше и во третата четвртина, но Гостивар се трудеше да го презеде водството во што и успеа уфрлувајќи шест поени повеќе во овој период.
Последните 10 минути кумановци му приредија пекол на Гостивар. Реализираа 21 поен, наспроти деветте на гостиварци и ја впишаа шестата победа во низа.
Златната тројка на Куманово за овој меч ја сочинуваат Македонец, Американец и Србин. Неприкосновен со 27 поени беше Отис Ливингстон, 15 впиша Александар Андрејевиќ, а два поени помалку Горјан Марковски.
Со 26 поени кај гостиварци најефикасен беше Фрајдеј, а со 14 Александар Костоски.
текст/фото: Никола Ивановски