Куманово наскоро ќе добие Б-зона за паркирање и урбани скверови (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, најави проширување на паркинг капацитетите во градот, воведување на Б-зона и расчистување на повеќе локации на кои ќе бидат изградени урбани скверови.

– Се обидуваме да ги прошириме капацитети за паркинг услуги, имаме Б зона, се обидуваме да ја воведеме во соработка со граѓаните. Како што ветив на изборите, за сите оние граѓани кај што ќе се вцрта Б зона, граѓаните коишто живеат на тие адреси ќе имаат бесплатен паркинг, нема да плаќаат, додека останатите ќе плаќаат согласно одлуката којашто е на сила, донесена од страна на Советот уште пред повеќе од девет години, изјави Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Маскирани лица среде ноќ тропале на врата на 75-годишна жена во кумановско

 

 

Директорот на ЈП „Куманово паркинг“, на последната седница на Советот информираше дека воведувањето на Б зоната ќе започне наскоро, а проектот за негово имплементирање е веќе готов.

Тој информираше дека во моментов се расчистува локацијата Табакана, каде што се дислоцираат времено поставени објекти.

– Јас во оваа прилика апелирам особено до сопствениците коишто тој простор го користеле и државното земјиште на тие локации апсолутно бесплатно со децении, да бидат многу поревносни да ги дислоцираат самите објекти. Во спротивно, општината ќе ги изврши истите, ќе ги дислоцира и ќе бара надомест за интервенцијата“, рече градоначалникот.

Според него, на оваа локација нема да се реализира станбено-деловен комплекс, туку нов паркинг простор и урбан сквер.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Претежно облачно со северен ветер

„Како што најавив и во изборите, немам намера да реализираме градежна маркица, да се гради станбено-деловен комплекс како што е предвидено, туку имаме намера да реализираме проширување на паркинг капацитетот дополнително со еден модерен урбан сквер“, истакна Димитриевски.

Тој посочи дека слични уредувања се планираат на просторот кај градскиот плоштад, локацијата кај поранешниот „Клуб“ и пред зградата на Ваикики.

Во однос на локацијата кај поранешното хемиско чистење, градоначалникот рече дека таму е предвидена подземна и катна гаража, но проектот моментално не може финансиски да се реализира.

„Во моментов не сме во финансиска можност да ја реализираме поради огромната експропријација за да се откупат дел од куќите коишто се наоѓаат таму“, изјави тој.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Без струја денеска повеќе локации во Куманово

Димитриевски додаде дека општината разговара со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, кое е сопственик на дел од времените објекти на таа локација, со цел да се надмине проблемот.

Тој најави и дека општината ќе интервенира кај објектите што се прогласени за склони кон паѓање, доколку сопствениците не ги урнат самите.