Кумановскиот тренер Далибор Стаменковски и оваа година беше дел од најголемиот европски самит за кондициони тренери – ESCCA Summit, кој во Прага, Република Чешка, традиционално ги собира најреномираните стручњаци од областа на физичката подготовка и спортската наука.
Со ова, Стаменковски втора година по ред присуствува на еден од најпрестижните европски настани посветени на кондиционата подготовка, каде учесниците имаат можност да ги следат најновите светски трендови и да разменат искуства со врвни професионалци.

На самитот учествуваа тренери кои работат во реномирани европски клубови, меѓу кои Реал Мадрид, Барселона, Олимпијакос, Фенербахче, Макаби и други, што на учесниците им овозможи директна размена на искуства и запознавање со современите пристапи во подготовката на професионални спортисти.

Во фокусот на предавањата и работилниците беа најновите методи во областа на кондиционата подготовка, спортската дијагностика, планирањето на тренажниот процес, како и подготовката на играчите пред и по натпреварите, со акцент на подобрување на перформансите и превенција од повреди.
За Стаменковски, учеството на ваков настан претставува можност за континуирано професионално усовршување и стекнување нови знаења кои ќе може да ги примени во својата работа.

Тој е кондиционен тренер на МКК Куманово и персонален тренер во фитнес центарот „Максфит“, а неговото присуство на ESCCA Summit уште еднаш ја потврдува посветеноста кон следење на најсовремените светски практики во спортската подготовка.
Никола Ивановски

