Актерката на Театар Куманово, Владанка Крстевски, ја освои наградата за најдобра актерка на овогодинешното издание на интернационалниот фестивал на монодрама „MONO AKT“ во Приштина, каде настапи со монодрамата „Прво лице еднина“, во режија на Драгана Гунин.
Фестивалот, кој годинава се одржа по 18-ти пат, собра актери од повеќе земји, меѓу кои Италија, Колумбија, Франција, Албанија и Украина.
Покрај изведбите, учесниците имаа можност да присуствуваат на работилници, да разменуваат искуства и да се запознаат со различни театарски практики.
– Фестивалот трае пет дена и во текот на целиот период актерите се таму, а имавме можност да присуствуваме на најразлични работилници да се запознаваме меѓу себе и да ја запознаваме културата што ја градат во Приштина, сето она што го има таму, да ги запознаеме нивните природни убавини, цела една фул програма за запознавање на театарската уметност и споделување на нашата култура и на нашата театарска уметност. За мене тоа беше најголемиот подарок што може еден актер да го добие бидејќи имав можност да разговарам со актери од Колумбија, од Италија, Франција, Албанија и секој еден од нив си носи и различно школо, различен поглед и тоа е нешто коешто едноставно е многу важно за еден лакаат млад актер, истакна Крстевски.
Монодрамата „Прво лице еднина“ е поставена во 2019 година, а актерката вели дека со текот на времето растела заедно со претставата.
– Тоа е предноста на монодрамата, можеш да ја менуваш, да ја надоградуваш, да растеш со неа. Навистина не би рекла тешко, туку возбудувачки и предизвикувачки е да се работи монодрама, вели таа.
Според Крстевски, учеството на фестивалот уште повеќе ја доближило до оваа театарска форма и ја поттикнало подлабоко да ја истражува.
– Она што го направи MONO AKT за мене е да ми покаже да се вљубам во монодрамата како театар и да почнам да ја истражувам многу повеќе. Да бидеш сам на сцена значи да носиш многу товар на себе, но во исто време да научиш како да ја канализираш својата енергија и публиката да ти биде партнер“, истакнува актерката.
Едно од најсилните сознанија што ги добила за време на фестивалот, како што вели, било сознанието дека театарот комуницира со публиката без разлика на јазикот.
– Тогаш ја разбрав суштината на театарот. Една претстава треба да разбуди нешто кај публиката и без разлика на кој јазик и да говориме на сцена, публиката тоа го чувствува, рече Крстевски.

Таа оценува дека гостувањата на меѓународни фестивали се од исклучително значење за развојот на актерите и театрите.
– Сметам дека гостување на било кој меѓународен фестивал е од големо значење, бидејќи тоа ни помага да растеме – индивидуално како актери, да расте ансамблот, но и театарот целосно“, додава таа.
Крстевски најави дека и во наредниот период продолжува активно да работи на сцената на Театар Куманово, а постои можност монодрамата „Прво лице еднина“ повторно да биде изведена пред кумановската публика.
Никола Ивановски

