Седум лица, од кои повеќето вработени во Царинската управа, добија кривични пријави поради увезување забранета стока преку Граничниот премин Табановце.
– СВР Куманово поднесе кривична пријава против Р.А.(25) и И.Р.(38), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“, против А.Љ.(31) од Куманово, водич на смена во Отсек за патнички промет во Царинска испостава Табановце, Б.Д.(30) од с.Слупчане, липковско, С.Б.(61) од Куманово, Б.М.(45) од с.Черкези, кумановско и И.К.(47) од Куманово, сите царински службеници, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што додаваат од полицијата, прво и второпријавениот набавиле стоки за кои знаеле дека се забранети за увоз, при што ги товариле во патничко возило „фиат дукато“ и на 27.02.2024 се обиделе да ги внесат на Граничниот премин Табановце, без да ги пријават на царинските службеници.
Останатите пријавени, при преглед на патничкото возило, управувано од второпријавениот, иако знаеле дека стоките се забранети за увоз, му овозможиле влез во државата и се стекнале со противправна имотна корист.
Никола Ивановски