Две кривични пријави, против две правни лица и две физички лица, се поднесени за обиди за приложување на фалсификувани фактури при увозно царинење на употребувани возила, соопшти Царинска Управа на РМ во месечниот извештај за поднесени кривични пријави.
Една кривична пријава е поднесена против едно правно лице од Куманово и неговото одговорно лице – македонски државјанин, против кои и претходно се поднесени кривични пријави за приложување на 4 лажни фактури при увозно царинење на употребувани возила.
Една кривична пријава е поднесена против едно правно лице од Радовиш и неговото одговорно лице, македонски државјанин, против кои исто така претходно се поднесени кривични пријави за приложување на 46 лажни фактури при увозно царинење на употребувани возила..
Во двата случаи, осомничените, во текот на 2012 година со по една увозна царинска декларација на царинската испостава Гевгелија увозно оцариниле по едно употребувано патничко моторно возило, за кои приложиле фактури на кои биле наведени изјави за потекло, потпишани од странски продавачи како доказ за преференцијално потекло на возилата, со цел да биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно увозно царинење со царинска стапка слободно.
Поради сомневање во поглед на веродостојноста на приложената документација, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинска администрација на Германија со барање за верификација на фактурите.
Според добиениот одговор, во првиот случај изјавата без авторизација за потекло во фактурата не била издадена од страна на испраќачот на возилото, за што во прилог била доставена и оригиналната фактура, а во вториот случај компанијата која била наведена како продавач, ниту го поседувала ниту го продала возилото, а фактурата и изјавата за потекло, наведена во неа не биле издадени од страна на наведената компанија.
Во двата случаи, Царинската управа утврди дека увезените возила не ги исполнуваат условите за преференцијален тарифен третман, изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и ги задолжи правните лица да ги доплатат избегнатите давачки.