Костарика, земја каде површинското ископување е забрането, стана светски лидер во екстракција на тешки метали како литиум, не од Земјата, туку од стари батерии.
Фабриката за рециклирање Fortech е основана пред речиси три децении во градот Картаго, на 27 километри од главниот град Сан Хозе, а нејзините вработени ја нарекуваат „урбан рудник“, пренесува AFP.
Во последните шест години, нивниот главен фокус беше екстракција на литиум од батериите на полнење кои секојдневно се користат во бројни електронски уреди како што се мобилни телефони, лаптопи, електрични автомобили и соларни панели.
Секоја година во светот се фрлаат милиони батерии. Иако куќиштето на батеријата се распаѓа во период од 100 години, многу токсичните метали содржани во него никогаш не се распаѓаат.
Фортех најде „рудник за злато“ во екстракција на тешки метали од батериите, а на нашата планета ѝ обезбедува спас.
„Сега знаеме дека тоа не е отпад. Знаеме дека тоа е ресурс што може повторно да се искористи“, изјави за АФП Гилермо Переја, извршен директор на Фортех, кој заедно со неговиот син Франциско смислиле нов метод за вадење метали од потрошените батерии.
„Важно е да се скршат парадигмите. На светот му треба кружна економија која рециклира скапоцени примарни материјали наместо да зема сосема нови“, рече Переја.
Бело злато
Ископувањето на литиум често се изведува во услови кои се штетни за животната средина, работниците и локалното население.
Но, во Фортек, целиот литиум доаѓа од 1.500 тони потрошени батерии кои се фрлаат во Костарика секоја година, објасни менаџерот на проектот Франциско Переја.
Искористените батерии се собираат во трговски центри, продавници за електроника или продажни салони за електрични автомобили.
Литиумот го нарекуваат „бело злато“ или „нафта на 21 век“, а во последните години неговата цена експлодира на светскиот пазар.
Во ноември 2020 година вредноста на литиумот беше 5.700 долари за тон, а во септември 2022 година неговата вредност се зголеми на 60.500 долари по тон поради зголеменото производство на електрични автомобили.
Сепак, погоните за производство на литиум трошат милиони литри вода и можат да бидат штетни за животната средина.
Но, кога литиумот се извлекува од рециклирани батерии, се ослободува само четвртина од јаглерод диоксидот што ја загрева планетата во споредба со директното ископување на литиум, тврди Хенри Прадо, хемичар во Фортех.
Рециклирањето ја спасува планетата од загадување на животната средина предизвикано од „вообичаениот метод на отстранување“ на литиумските батерии, кои обично едноставно се фрлаат, додаде Хенри Прадо.
Според Американското хемиско здружение, само пет проценти од сите литиум-јонски батерии во светот се рециклираат.
Пионери во бизнисот
Во Fortech, искористените батерии се ставаат на подвижна лента што ги носи до уништувачот. На овој начин, отпадот се претвора во мешавина од кобалт, никел, манган и литиум, позната како „црна маса“.
Тие метали сочинуваат речиси 57 проценти од секоја батерија, а остатокот се бакар, алуминиум, пластика и железо, кои исто така може да се рециклираат.
Фортек нема технологија за да ги одвои поединечните метали од „црната маса“, па потоа ја продаваат на фабриките во Европа за да го завршат процесот и да ги произведат батериите.
Германската агенција за развој (ГИЗ) тврди дека Фортех ја претворила Костарика во „латиноамерикански пионер за новата проценка на искористените литиумски батерии“.