Ќе се отстрануваат хаварисани возила во Куманово (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово во соработка со ЈП „Куманово паркинг“ и полицијата ќе ги отстранува хаварисаните возила од јавни прометни површини.

Loading...

Како што појасни денеска на прес конференција претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, граѓаните ќе имаат можност првин сами да се јават и бесплатно да им биде дислоцирано возилото.

– Општина Куманово заедно со ЈП „Куманово паркинг“ и СВР Куманово ќе спроведе акција за отстранување на хаварисани автомобили кои не се во возна состојба и со години зафаќаат јавни површини и паркинг простор. Од тие причини ве известувам дека во наредниот период започнувајќи од понеделник, 28ми октомври па следните 30 дена сите сопственици на хаварисани автомобили можат да се јават од 08 до 16 часот на телефонскиот број 075 221 372 со цел службите на ЈП „Куманово паркинг“ бесплатно да го транспортираат возилото до лиценциран отпад за железо, појасни денеска Ѓорѓиевска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Малолетник претепан пред основно училиште во Куманово

 

 

Како што додава, сопственикот на автомобилот треба да биде присутен на проценката и за истиот ќе си добие паричен надоместок соодветно на тежината на автомобилот.

– Станува збор за услуга која ја нуди општина Куманово преку „Куманово паркинг“ со цел да се ослободи паркинг простор и граѓаните да се ослободат од хаварисаните автомобили. По истекот на периодот од 30 дена службите ќе пристапат кон целосно и неселктивно отстранување на хаварисаните возила со цел ослободување на паркинг простор во Општина Куманово, изјави Ѓорѓиевска.

Loading...

Како што додаде таа, според првичните информации од комунални инспектори, само во централното градско подрачје во Општина Куманово има седумдесетина автомобили кои долг временски период зафаќаат простор на јавни површини и на паркинг површини.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановец украл чанта од 79-годишна жена, полицијата го привела

– Истите се доставени до СВР и се врши проверка на сопственоста. Како работна група сметаме дека е време да се справиме со проблемот со паркирање во Куманово и дека е најсоодветно да се започне прво со ослободување на простор кој веќе постои и е наменет за таа работа, вели претседателката.

За почеток мерката за отстранување на хаварисаните возила ќе се спроведува во централното градско подрачје, а потоа и во приградските населби.

Ова е прв чекор што локалните власти ќе го спроведат откако минатиот месец беше одржан Локалниот совет за превенција, од каде еден од заклучоците беше токму проблемот со хаварисаните возила.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Комунални редари секојдневно ќе вршат контроли покрај коритото на Кумановка

Меѓу другото, како што рече денеска Ѓорѓиевска, во следниот период ќе следи и интензивна кампања со цел да се крене јавната свест кај граѓаните да се отстрани нивната грда навика да се паркриаат каде стигнат, и пред своите гаражи, наместо во нив.

Никола Ивановски