Двајца кинески државјани заробени додека се бореле на руска страна во источна Украина на прес-конференција во Киев изјавија дека „паднале во замка“ поставена од Москва.
Двајцата мажи, чиј идентитет не е објавен, рекоа дека кинеската влада не знаела дека биле регрутирани од руската војска.
Тие изјавија дека договорите ги потпишале преку посредници, пренесе државната агенција Интерфакс-Украина.
Еден од затворениците рече дека ја изгубил работата за време на пандемијата Ковид-19 и се надева дека ќе најде работа како воен лекар, додавајќи дека воената служба се смета за почесна во кинеското општество.
„Кинеските власти ги предупредија граѓаните да не патуваат во воената зона. Сакав да бидам лекар. Бев ранет и се предадов“, рече тој.
Тој додаде дека кинеските власти промовираат пријателски односи со Русија, а, според него, информациите за таа земја се искривуваат и се користат за вовлекување на кинеските граѓани во војната.
„Не вреди. Ништо од тоа што ни го кажаа Русите не е точно“, рече тој и додаде: „Јас тоа би го нарекол стапица“.
Друг затвореник, кој тврди дека потекнува од релативно богато семејство, рече дека пристигнал во Русија како турист.
„Никогаш не очекував да одам во војна. Не знаев речиси ништо за Украина“, рече тој.
Двајцата изјавиле дека биле заробени на 8 април, веднаш по пристигнувањето на бојното поле и дека не учествувале во борбите ниту убиле украински војници.
Еден ден подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека најмалку 155 кинески државјани се борат во руската армија против Украина и дека властите во Пекинг биле свесни за „системска кампања“ на регрутирање предводена од Москва.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан одговори на обвинувањата минатата недела, нарекувајќи ги изјавите на Зеленски „неодговорни“.
Заробените Кинези рекоа дека сакаат да бидат вратени во татковината и дека се подготвени да се соочат со казна, бидејќи кинескиот закон им забранува на нивните граѓани да учествуваат во вооружени конфликти од која било страна.