Кинеските здравствени власти денеска соопштија дека откриле нов, мутиран вид на вирусот на мајмунски сипаници, кој се шири во се повеќе земји откако Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална здравствена вонредна состојба минатата година.
Кинескиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објави дека открил кластер на случаи на инфекција со подтип на вирусот, кој е регистриран кај странски државјанин со историја на патување и престој во Демократска Република Конго.
Евидентирани се уште четири случаи кај лица кои биле во близок контакт со заразен странски државјанин.
Пациентите имаат благи симптоми, вклучувајќи осип и плускавци на кожата.
Мајмунските сипаници се пренесуваат преку близок контакт и предизвикува симптоми слични на грип, заедно со формирање на гнојни лезии на кожата.
Иако обично предизвикува благи симптоми, во ретки случаи овој вирус може да биде фатален.
СЗО ги прогласи мајмунски сипаници за глобална здравствена вонредна состојба минатиот август по втор пат во две години, откако вирусот избувна во Демократска Република Конго и се прошири во соседните земји, вклучувајќи ги Бурунди, Кенија, Руанда и Уганда.
Кина во август минатата година објави дека ќе ги надгледува луѓето и стоките кои влегуваат во земјата.
Кинеската Национална здравствена комисија соопшти дека мајмунските сипаници ќе се третираат како заразна болест од Б категорија, дозволувајќи им на властите да преземат итни мерки, како што се ограничување на собири, суспендирање на работата и часовите и запечатување области во случај на појава.