Додека чамецот на кој се наоѓал се нишал во немирни бранови, кинескиот активист за човекови права Донг Гуангпинг, кој не спиел два дена, бил обземен од страв.
68-годишникот знаел дека презема огромен ризик обидувајќи се да избега од Кина по море, но дури и тогаш ги потценил предизвиците на патувањето.
Имал тешки изгореници од сонцето, батеријата на телефонот му се празнила, а преносниот полнач исто така бил празен.
По 40-часовно патување, бил спасен од крајбрежната стража во корејските води, а во меѓувреме се населил во Канада, каде што живее неговото семејство, пишува Би-Би-Си.
„Ќе беше застрашувачки да ја изгубев навигацијата. Можев да се вратам во Кина“, изјави Донг за Би-Би-Си во видео интервју од Торонто речиси два месеци по неговото опасно бегство.
Со само неколку часа вежбање, Донг тргнал во мај со гумен чамец долг 3,3 метри со надворешен мотор од градот Веихаи во кинеската покраина Шандонг.
Првичниот план беше посмел и поризичен – да се патува повеќе од 300 километри преку Жолтото Море, а потоа по јужнокорејскиот брег до Јапонија.
„Тоа е многу опасна рута, ризиците се екстремно високи, знаев дека го ставам животот на коцка“, рече тој.
Сепак, лошото време на море го принудило да ја промени рутата и да се упати кон Јужна Кореја како поблиска дестинација.
Долгиот престој на море го оставил исцрпен и со вртоглавица. Во еден момент задремал и се разбудил за да сфати дека неговиот брод штотуку поминал покрај голем товарен брод.
„Да спиев само дваесет секунди повеќе, ќе се удрев во него“, рече тој.
Кој е Донг Гуангпинг?
Донг, поранешен полицаец кој станал активист за човекови права, неколку пати бил затворен во Кина поради својот активизам.
Тој бил отпуштен од полициската служба, каде што поминал 13 години, во 1999 година поради потпишување на петиција по повод 10-годишнината од бруталното задушување на продемократските протести во Тјенанмен.
Две години подоцна, во 2001 година, тој беше осуден на три години затвор за „поттикнување на соборување на државната власт“.
Според Амнести Интернешнл, тој повторно бил затворен во 2014 година за учество во друг настан во чест на масакрот во Тјенанмен.
„Нема шанси да преживеам во Кина“, рече Донг.
„Да не заминев, никогаш немаше да имам мир во мојот живот. Морав да ѝ покажам на Кинеската комунистичка партија дека сум способен да заминам. Тие не можат да ме спречат, не можат да ме контролираат“.
Замолен за коментар, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина изјави за Би-Би-Си дека кинеската влада „го решава влезот и излезот на своите граѓани во согласност со законот и дека кинеските граѓани мора да се придржуваат кон Уставот и законот“.
Серија неуспешни бегства
Пред овој успешен обид, Донг избегал од Кина четири пати, но секој пат бил враќан.
„Сепак, секогаш цврсто се држев до едно убедување: Морам да стигнам до слободниот свет“, вели тој.
Во септември 2015 година, тој отпатува во Бангкок со сопругата и ќерката, каде што Обединетите нации им доделија статус на бегалец и одобрија преселување во Канада.
Сепак, само неколку дена пред планираното патување, тајландските власти го депортираа Донг назад во Кина.
Тој беше затворен таму за „поттикнување на рушење“ и „нелегално преминување на државната граница“ и осуден на три и пол години затвор.
По неговото ослободување во 2019 година, тој повторно се обиде да избега пливајќи кон Кинмен, мал тајвански остров, но беше фатен од кинески рибари и предаден на полицијата. Потоа му беше забрането да ја напушти земјата.
И покрај ова, тој успеа да избега во Виетнам во 2020 година.
Тој живееше тајно во Ханој две години, но на крајот беше депортиран назад во Кина, каде што беше осуден на речиси една година затвор. Беше ослободен во 2023 година.
Спас и нов живот
По серија неуспеси, на 25 мај околу 20:30 часот по локално време, Донг видел рибарски брод во далечината.
„Помош, помош! Јавете се на полиција, јавете се на полиција!“, извикувал тој.
На крајот бил спасен и донесен на брегот во јужнокорејската општина Таеан.
Бил испратен во центар за бегалци во Инчеон, а подоцна му бил доделен политички азил во Канада.
Донг не е првиот кинески активист кој побегна во Јужна Кореја по море.
Во 2023 година, друг кинески активист, Квон Пјонг, избега во Јужна Кореја со џет-ски, а подоцна се пресели во САД.
Зборувајќи за моментот кога дознал дека неговиот лет за Торонто е потврден, Донг рече дека бил „преплавен од емоции додека го држел авионскиот билет во рака“. Сепак, слободата дошла со висока цена.
Донг, кој го прослави 95-тиот роденден на својата мајка само неколку дена пред да избега од Кина, рече дека не ѝ го открил својот план.
„Неможноста да ги исполнам моите синовски должности кон мајка ми ќе остане моето најголемо, најголемо жалење“, рече тој.
Chinese dissident Dong Guangping speaks to @judyatrinh in his first TV interview since he escaped from China by sea after multiple failed attempts over the years. @CTVNews #cdnpoli pic.twitter.com/2t8aPgrBgB
— Stephanie Ha (@stephanie_ha) June 30, 2026

