Кина: Во Сечуан денеска измерени 43,9 степени целзиусови

Сподели со своите пријатели

Екстремните горештини во Кина продолжија да ја пустошат земјата денеска, и покрај пониските температури во некои региони, додека властите низ сливот на реката Јангце се обидуваат да ја ограничат штетата што климатските промени ја нанесуваат врз енергетскиот сектор, посевите и добитокот.

Loading...

Топлотниот бран во Кина, кој трае во изминатите 70 дена, е најдолгиот и најраспространет во однос на површината досега, со околу 30 отсто од 600 метеоролошки станици покрај реката Јангце, кои ги забележаа своите највисоки температури досега до минатиот петок.

Кинеската Национална метеоролошка управа денеска го намали нивото на предупредување за топлина на „портокалова тревога“ по 12 последователни дена „црвена тревога“, но се очекува температурите и понатаму да надминат 40 степени целзиусови во Чонгкинг, Сечуан и во другите делови на басенот Јангце, јавува Ројтерс.

Метеоролошка станица во Сечуан денеска забележа температура од 43,9 степени целзиусови, што е највисока досега забележана во покраината, објавија официјалните синоптичари на својата сметка на кинеската социјална мрежа Веибо.

Југозападниот регион Чонгкинг е особено погоден, при што еден жител изјави дека и водата и електричната енергија се исклучени по четиридневниот планински пожар во округот Џианџин.

Фотографиите објавени на Веибо денес покажуваат дека жителите и волонтерите во Чонгкинг и Сечуан помагаат да се справат со проблемите предизвикани од топлотниот бран, вклучително и несвесните луѓе во екстремна топлина за време на задолжителните тестови за ковид-19, наведува британската агенција.

Земјоделската канцеларија на Чонгкинг презеде итни мерки за заштита на добитокот на повеќе од 5.000 големи свињарски фарми, кои се соочуваат со „сериозни тешкотии“ поради жештините, објавија државните медиуми.

Оштетувањето на посевите и недостигот на вода би можеле „да се шират во други сектори поврзани со храната, што ќе доведе до значително зголемување на цените или најлоша криза со храна“, рече Лин Жонг, професор на Градскиот универзитет во Хонг Конг кој го проучува влијанието на климатските промени врз кинескиот земјоделството, пренесува Ројтерс.

Loading...