Потрошувачките цени во Кина во октомври паднаа за 0,2 отсто на годишно ниво, покажуваат податоците објавени денеска од Националното биро за статистика на Кина.
Економистите анкетирани од Ројтерс очекуваа помал пад од 0,1 отсто.
Како што објави Си-Ен-Би-Си, цените на производителите паднале за 2,6 отсто во истиот период и се во негативна територија 13-ти месец по ред.
„Во Кина сè уште има дефлација. Домашната побарувачка е сè уште слаба“, рече претседателот и главен економист на „Pinpoint Asset Management“, Џивеи Џанг.
Довербата на потрошувачите во Кина е поткопана и од должничката криза во двете најголеми кинески компании за инвестирање во недвижности.
Кинескиот сектор за недвижности сочинува околу 30 отсто од економијата на земјата.
„Со проширувањето на буџетскиот дефицит и можностите на инвеститорите во недвижности да добијат поддршка од владата во Пекинг, домашната побарувачка веројатно ќе се подобри следната година“, заклучи Џанг.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) смета дека кинеската економија ќе порасне за 5,4 отсто во 2023 година, иако во исто време наведува дека има слабости во секторот на недвижности на оваа земја, пренесуваат медиумите, пренесува Танјуг.