Државниот пазарен инспекторат досега има записник од 82 контроли, при што се изречени голем број на решенија за забрана за вршење на дејноста.
– Вкупно 82 контроли со записник, инаку се многу повеќе за кои сѐ уште трае анализа и контролата, по Законот за угостителска дејност, тука се вклучени сите од кабаре, дискотека, надзори по угостителска дејност на цела територија, информираше портпаролот на Владата, Марија Митева.
Како што додаде таа, од 23 со лиценца, констатирано е дека 13 немаат минимум технички услови за работа.
– Се изготвуваат решенија до Министерство за економија за одземање на лиценцата и ќе бидат издадени решенија за забрана на вршење на дејност. Кај 5 правни субјекти коишто се регистрирани како кабаре/дискотека и коишто се со истечена лиценца, а е утврдено дека работеле изминатиов период сакам да информирам дека се издадени решенија за забрана на дејност, додаде портпаролот.
Од иснпекциите во 41 кафуле-клуб, кај 30 се регистрирани неправилности.
– Кај останатите 41 кафич-клуб, кај 30 од нив се констатирани неправилности по Законот за угостителска дејност и изречени се 28 прекршочни налози и 2 затварања за пречекорување на работно време, што подразбира и платен налог, додаде Митева.
Овие мерки се резултат на инспекциите спроведени во текот на вчерашниот ден, а контролите ќе продолжат.
Никола Ивановски