Две поларни мечки убиле работник на оддалечена арктичка радарска станица на северната канадска територија Нунавут.
Вработениот, кој не е именуван, работел за Nasittuq Corporation, логистичка компанија која управува со локациите за радарска одбрана во име на канадската влада.
Другите работници реагирале и убиле една од мечките, се вели во соопштението на компанијата.
„Ние тесно соработуваме со локалните власти и регулаторните агенции за да спроведеме темелна истрага за околностите на овој инцидент. Безбедноста и благосостојбата на нашите вработени се наши највисоки приоритети и ние сме длабоко посветени да гарантираме безбедна работна средина“, соопшти компанијата, пренесе Би-би-си.
Нападот се случил минатата недела на островот Бревур. Тој е дом на една од десетината пунктови на Северниот систем за предупредување во северна Канада.
Мрежата долга 5.000 километри се користи за откривање авиони и проектили кои влегуваат во канадскиот воздушен простор.
Нападите на поларни мечки врз луѓето се исклучително ретки, но ова е втор регистриран фатален напад на поларна мечка од минатата година.
Минатата година една жена и нејзиниот едногодишен син беа убиени од поларна мечка во едно село на Алјаска.
Во Канада живеат околу 17.000 поларни мечки, што сочинува околу две третини од светската популација на овој вид.
Видот е во опаѓање, што научниците го припишуваат на губењето на морскиот мраз предизвикано од глобалното затоплување, што ги намалува нивните лови и места за размножување.