Кај еден од тројцата Македонци кои се наоѓаат на бродот „Diamond Princess“ во Јокохама, Јапонија е потврдено присуство на Коронавирусот.
– Согласно најновите информации добиени од јапонските надлежни органи, информираме дека дојде до промена во однос на состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат на бродот “Diamond Princess” во Јокохама, Јапонија. Потврдено е присуство на коронавирусот кај еден од нив кој во моментот е хоспитализиран во здравствена установа во Јапонија, велат од Министерството за надворешни работи.
Амбасадата на Република Северна Македонија во Токио е во комуникација со споменатиот македонски државјанин.
– Воедно, амбасадата на дневна основа комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои сѐ уште се наоѓаат на бродот во Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на коронавирусот.
Министерството за здравство на Јапонија продолжува со спроведување на тестови за присуство на коронавирусот кај лицата кои се наоѓаат во карантин на бродот.
При вршење на анализите предност имаат лица со симптоми кои укажуваат на присуство на вирусот, лица над 75 годишна возраст и лица со хронични заболувања.
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, преку амбасадата во Токио, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во Јапонија и остварува комуникација со надлежните јапонски органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на корона вирусот.
За дополнителни информации ќе бидете навремено информирани, велат од МНР.