На денот на полициската акција во Куманово, на македонскиот информативен интернет видовме се и сешто: од измислени преселби и барања „предавници“ да завршеле во затвор, па се до повици полицијата да појде кај некого и – да го убие, пишува Веле Митановски во објава на портлот Проверка на факти.
Македонија ја преживеа црната сабота. На еден дел од својата територија доживеа вистинска војна. Војна е кога се пука со куршуми, кога гинат луѓе, но војна е и кога се повикува на убивање. Медиумската пропаганда е исто така војна. Според воената доктрина, војна со мирнодопски средства! Убиваат куршумите, но убиваат и зборовите.„Уби ме прејака реч“, пееше поетот Милковиќ. Новинари од Србија, Русија и од Украина, загинаа од куршуми, но ги уби атмосферата создадена за тоа.
Дента, на 9 мај, кога се славеше Денот на победата и Денот на Европа, ние во Македонија, се убивавме – со зборови и со дела! Медиуми повикуваа на линч, на ликвидации. Во саботата атмосферата во земјата, на медиумски план, беше иста како онаа пред две децении, кога, во тогашна Југославија, се подготвуваа единиците и тенковите за поход на Вуковар. Како поинаку да го сфатиме насловот од порталот „Инфомакс“: „Има ли таков полицацец кој ќе се одважи: Некој кој ќе му го скрати усраниот живот на Тричковски?!“
Еве го и текстот од написот, верувале или не, објавен на платформа која се нарекува медиум:
„Гнаса од човек, гнида, мизерија, дно, будала тоа се најпаметните коментари кои може да му дојдат на човек кога ќе го прочита ова ГНАСНО писание на оваа едноклеточна будала. Има ли таков човек, полицаец кој ќе се најде да му го дотера умот или да го лиши од неговиот усран живот?! Свесен ли е овој дека овие луѓе имаат деца и родители? Свесно ли е ова суштество дека некој ќе тропне на неговата врата да бара сметка за ова што го збори?! Па се имало во оваа наша Македонија, имавме и војна 2001 година, ама ваков створ и идиот никогаш!“
Повод за вака жестокиот безочен напад кон Тричковски, се два поста на неговата ФБ-страница, во кои, помалку и непримерено за тешката пригда ( „и од Тричко да е, премногу е“, професор Мирољуб Шукаров), им се обраќа на полицајците, во контекст кој упатува на заклучок или порака дека не треба да умираат, да се жртвуваат, за интересите на премиерот.
Истиот портал, со сета безочност се нафрли на неколкумина протестанти, кои и покрај горливата ситуација, во саботата, излегоа на протести пред Владата, не обѕирнувајќи се и на апелот на опозицискиот лидер Заев – тоа, сепак, да не се чини. „Како не ви е срам имбецили едни: Фрчковски, Астеруд, Исмаил излегоа на протест – директно удира по грбот на македонската полиција“, прашува во насловот на „Инфомакс“ и отворено манипулира дека протестот го организирал СДСМ и дека со тоа „директно“ удира по грбот на македонската полиција и ја загрозува безбедноста на државата и на граѓаните.
„СДСМ и денеска, во ситуација кога полициските сили се ангажирани во Куманово во сузбивање на криминално терористичка група организираше протести против македонската полиција. Каролина Астеруд, Љубомир Фрчкоски, Гунер Исмаил се само дел од оние кои и денеска, кога се одвива голема полициска акција во Куманово за апсење на терористичка група, излегоа на протести во Скопје.“
Ако беше малку од „Инфомакс“, на ист начин врз Тричковски се нафли и „Република“:
„Новинарот близок до СДСМ, Бранко Тричковски, вечерва напиша многу невкусенстатус на својот профил на „Фејсбук“ сурово напаѓајќи ги македонските бранители кои денеска во Куманово храбро се бореа за својата татковина, а од кои тројца и ги загубија своите млади животи, додека триесетина беа ранети. Истовремено, додека тие се бореа, активистите, приврзаниците и членовите на СДСМ, партијата блиска на Тричковски, организираа протест во Скопје. Проценете сами дали човекот е при здрава свест, и дали го допре дното, или може тој и повеќе?“
„Ова е гнасно и гадно: СДСМ-овецот Тричковски ги исплука полицајците!“ порачувауште во насловот „Курир“, повикувајќи се во текстот на „Нетпрес“, кој го пренесува интегрално, истиот од погоре во „Република“.
Самиот Тричковски, во статус на ФБ-профилот, им понуди одговор, насловен: Оптимизам извира од катастрофата!
„Каков патос, какви солзи, каква хемија, може да предизвика смртта на Тричковски! Никаква! Оркестрираната и примитивна кампања против некои мои статуси, проткаена со закани и тешки глупантропии, ми говори дека кај чипираните идиоти расте претчувството дека каузата на чипираните идиоти на Никола Груевски е пред катастрофален пораз! И дека и Курската битка кај Куманово во својот комплет е тежок, можеби, и пресуден пораз за нив!“
„Нетпрес“ се нафрла и врз професорката Мирјана Најчевска, цитирајќи ја:
„Полицијата прави злосторство во Куманово.“
„Еден од најжестоките поддржувачи на СДСМ и критичар на владата професорката Мирјана Најчевска денеска објави шокантни тези за полициската акција во Куманово, објави „Република“. Најчевска ја обвини владата дека употребила непропорционална сила против терористите кои што таа не ги споменува.“
Повод – нејзиниот стаус на ФБ-профилот:
„Еве вака сега да ви кажам, ова е злосторство против цивилно население. За ова се оди на суд и се добива доживотен затвор. Почнувајки од извршителите се до министерката, и до премиерот и секако претседателот на државата“, напишала таа.
Владејачката партија се обиде, во своето соопштение, да внесе разум за одговорно однесување на медиумите, што е за поздравување. Но, сепак, остави и простор, да дејствува, по малку, и потпалувачки во повиците за линч: „ВМРО ДПМНЕ: Апелиравме до медиумите и граѓаните да се однесуваат одговорно“, стои во насловот на веста од ТВ „Нова“.
„ВМРО-ДПМНЕ денес јавно апелираше до сите медиуми и до сите граѓани на Македонија да не влегуваат во никакви меѓупартиски, меѓуетнички или меѓурелигиозни препирки и напаѓања. На Македонија и е потребно единство. „Со жалење констатираме дека некои партии и поединци не успеаа да си ја скротат својата страст за власт, па и денес си дозволија да омаловажуваат, протестираат, навредуваат“, стои во соопштениетпо се наведуваат конкретни имиња: Петре Шилегов, Љубомир Фрчковски, Мирјана Најчевска , Владимир Милчин… Срамот ќе остане кај оние кои и денес не се утишаа и не дадоа поддршка на безбедносните сили кои се жртвуваа за безбедноста на граѓаните и стабилноста на Македонија.“
Отворената пропаганда, извртувањето на фактите, конструкциите и манипулациите, не го поштедија и семејството на опозицискиот лидер Зоран Заев. Провладините медиуми и портали, со денови вртеа теза дека Заев предизвикува војна, а самиот тој семејството си го скрил во Швајцарија. Доведена беше во ситуација да реагира неговата сопруга Зорица Заева преку својот ФБ-профил.
„Владини курири
Како не ви е срам! Додека полицајци гинат, Кумановци се плашат да излезат на улица, вие лажете за мене и моето семејство! Семејството на Зоран Заев не е испратено и не е избегано никаде, се наоѓа во Струмица.Ве повикувам, да дојдете во Струмица јас живеам на улица Младинска бр.257 и објаснете им на моите деца зошто толку плукате по нив и нивното семејство. Секоја чест и за Канал 5 во оваа ситуација и во овој тежок момент за емитувањето на забавната емисија Ѕвездите на Гранд“, пишува Заева во статусот кој го објави порталот „Либертас“.
За „Инфомакс“ и ова не беше доволно, па ја надгради приказната: „Предавниците во затвор: Заев покрај семејството ги испратил и братучедите во Грција!“
„Велепредавникот Заев кој треба под итно да заврши во затвор за Велепредавство , нека не излегува на Прес-конференции и да ни глуми будала, и да дава изјави за да изразува загриженост за ситуацијата. Заев нека и одговори на македонската јавност, зошто неговото потесно семејство ги испратил во Швајцарија, поточно во Лугано, а неговата поширока фамилија (браќа, сестри, братучеди) ги испратил во Грција.“
Наместо заклучок, како зрак надеж ќе го цитирам ФБ-статусот на една млада новинарка од Охрид, поетесата Маја Мојсова:
„Tрагедиите секогаш шетаат невидливи наоколу. Бараат празнина, место, можност да се извишат. секогаш добиваат човечки лик в мигот кога непромисленоста ќе се спои со злобата. но луѓето никако, никако, никако да научат како да се однесуваат едни со други. не знаат дека нивната злоба кон едни, повлекува трагедија кон незнајни други. ’хероините’ што се шминкаа никогаш не промислија дека цинизмот упатен на едно место, носи негативна енергија на сосема друго неочекувано место… а луѓето, пак никако да научат како да се однесуваат едни кон други – одмерено, учтиво, цивилизирано, дури и да мразиме нешто треба да го кажеме тоа мирно и прибрано, а не со злоба и крвнички говор.“
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис.