Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение за осомничените за случувањата од мај годинава во кумановско Диво Насеље, информираше денес ЈОРМ на официјалната веб страна.
Врз основа на досегашните докази од истрагата во врска со кумановските настани од 9 и 10 мај годинава, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе обвинение против 29 лица.
Обвинетите се теретат за сторени кривични дела „Терористичка организација” од чл. 394 – а и „Тероризам” од чл. 394 -б од Кривичниот законик.
Надлежниот обвинител во исто време достави и Предлог за продолжување на мерката – Притвор за обвинетите.
Неодамна, еден од осомничените, поточно полициски службеник од с. Ваксинце беше пуштен од притвор поради немање докази за можна инволвираност со настаните. Полицијата во меѓувреме, приведе уште неколку лица, соработници на акцијата и трагаше по уште неколку лица за кои постои сомнение дека се помагачи на групата од Диво Насеље.