Јапонската влада објави план за евакуација на околу 120.000 луѓе од јужните острови во близина на кинескиот регион Тајван во случај на вонредна состојба поради зголемените тензии во регионот.
Според планот, бродовите и авионите ќе превезат околу 110.000 жители и 10.000 посетители од островот Сакишима во префектурата Окинава до осум југозападни и западни префектури на Јапонија во рок од шест дена, објави Кјодо.
Јапонската влада планира да спроведе вежби за евакуација на терен од Окинава во фискалната 2026 година, почнувајќи од април следната година, соопштено е денеска.
Според планот, евакуираните прво ќе бидат транспортирани со приватни фериботи или авиони до назначените аеродроми и пристаништа на југозападниот главен остров Кјушу, североисточно од префектурата Окинава, пред да го продолжат своето патување до нивните крајни дестинации.
Иако владата тврди дека планот не е фокусиран на одредено сценарио, сите острови наменети за евакуација се наоѓаат во близина на кинескиот регион Тајван, а најблискиот островот Јонагуни е на околу 100 километри.
Тајван се смета за потенцијална точка на удар што може да ги вовлече САД во конфликт со Кина, што претставува сериозен безбедносен предизвик за Јапонија, клучен сојузник на САД во Азија, истакнува Кјодо.
Главниот секретар на јапонскиот кабинет Јошимаса Хајаши рече дека планот е дизајниран да ги продлабочи дискусиите за евакуација на населението „под претпоставка за ситуација во која се очекуваат вооружени напади“.
Како дел од Националната безбедносна стратегија ажурирана во 2022 година, јапонската влада се обврза да формулира план за „брза евакуација на жителите, вклучително и оние од југозападниот регион, пред да се случи вооружен конфликт“.
Во близина на Тајван во Источното Кинеско Море се наоѓаат ненаселените острови Сенкаку, кои административно му припаѓаат на Токио, но за кои превземаат и Кина и Тајван, пренесува Танјуг.