Израелскиот министер за култура Мики Зохар го осуди денеска доделувањето на Оскар на палестинско-израелскиот документарен филм „Нема друга земја“, кој ги прикажува израелските уривања во палестинското село Масафер Јата на Западниот Брег.
Зохар на платформата Икс напиша дека „Оскарот за филмот „Нема друга земја“ е тажен момент за светот на кинематографијата“, објави „Тајмс оф Израел“.
„Наместо да ја претстават сложеноста на нашата реалност, филмаџиите избраа да повторуваат наративи кои ја искривуваат сликата за Израел во светот“, напиша Зохар.
Тој додаде дека наградениот филм упатува „клеветнички обвинувања“ против Израел.
„Слободата на изразување е важна вредност, но претворањето на клеветата на Израел во алатка за меѓународна промоција не е креативност – тоа е саботажа на државата Израел, а по масакрот на 7 октомври и тековната војна, тоа боли двојно“, напиша тој.
Зохар рече дека одлуката да му се додели Оскар на филмот ја нагласува потребата од закони „за да се осигура дека јавните ресурси се насочени кон дела што зборуваат за израелската публика, а не кон индустрија која прави кариера од клеветење на земјата на странски фестивали“.