Израелската армија негира повлекување на војници од Џенин, на окупираниот Западен Брег

Сподели со своите пријатели

Израелската армија ги демантираше извештаите на палестинските медиуми дека се повлекува од Џенин, на окупираниот Западен Брег, велејќи дека војниците ќе останат во тој град додека не се постигнат воените цели.

Loading...

Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека во изминатите 10 дена во Џенин убиле 14 палестински вооружени лица, вклучувајќи го и командантот на Хамас во тој град, а притвориле повеќе од 30 Палестинци.

За време на операцијата во Џенин беа извршени четири напади со беспилотни летала, а ИДФ тврди дека биле уништени повеќе од 30 експлозивни направи поставени под патиштата во градот, пишува The Times of Israel.

Претходно денеска палестинската новинска агенција „Вафа“ објави дека израелската армија се повлече од Џенин по десетдневна опсада, во која загинаа 21 лице.

Во соопштението на Фејсбук, палестинското Министерство за надворешни работи го обвини Израел дека го шири уништувањето на Појасот Газа на окупираниот Западен Брег, за што сведочи ситуацијата во градовите Џенин и Тулкарем и во бегалските кампови таму, пишува Ројтерс.

Локалните извори во Џенин за палестинските медиуми изјавија дека Израелците целосно се повлекле, а на социјалните мрежи објавија фотографии од разурнатиот град и бегалскиот камп по десетдневна опсада.

Овој израелски воен напад го претставува најголемиот напад на Израел на окупираниот Западен Брег од второто палестинско востание, Интифада, во раните 2000-ти, а податоците покажуваат дека во најновиот упад, 39 луѓе биле убиени и 130 ранети во областа, според Ал. Џезира.