Во Салонот на Уметничката галерија во Куманово утревечер со почеток во 20 часот ќе биде отворена заедничката ликовна изложба „Водени записи“ на академската уметница Марина Цветановска Мартиновска од Куманово и визуелната уметница Ивана Ожетски од Хрватска.
Станува збор за мултимедијален проект кој, покрај изложбата на ликовни дела, вклучува и музичка изведба на пијанистката Билјана Петровска.

Пред посетителите ќе бидат претставени ѕидни и просторни инсталации, како и графики, во кои водата е поставена како доминантен мотив.
Преку своите дела авторките отвораат теми поврзани со еколошката свест, климатските промени, загадувањето и прекумерното влијание на човекот врз природата.

Според организаторите, изложбата нуди автентичен ликовен израз што ги обединува естетиката, симболиката и просторната интеракција со критичка димензија, поттикнувајќи размислување за односот на човекот кон природната средина.
Куратор на изложбата е кустос-советникот и историчар на уметноста Драгана Спасковска.

Проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам, а изложбата ќе биде отворена за посетители до 24 јуни 2026 година.
Во рамките на меѓународната соработка, изложбата „Водени записи“ во октомври годинава ќе биде претставена и во Сплит, Хрватска.
Никола Ивановски

