Изложба на акварели „(По)трагите на водата“ вечерва ќе биде отворена во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Организатори на оваа изложба се Националната галерија на Македонија и Дирекцијата за култура и уметност во рамки на проектот „Кич,да!?/сте или не/“ поддржан од Министерството за култура.
Проектот „(По)трагите на водата“ почна во мај 2015 година во Чифте амам во Скопје, а потоа го продолжи своето патување низ градовите Велес, Битола, Штип, Крива Паланка, Кавадарци и до 17 февруари ќе престојува во Куманово.
На изложбата ќе бидат презентирани над 30-тина ликовни дела, а дел од нив првпат се изложуваат пред јавноста. Куратор на изложбата е Елена Георгиевска, кустос во Националната галерија на Македонија.
Изложбата презентира избор на уметнички дела остварени во еден визуелен медиум – акварелот, со истакнат број уметници. Меѓу авторите на акварелите застапени во колекцијата на Галеријата се претставници од најстарата генерација современи академски сликари од Македонија – Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов, Киро Караџа, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Василие Поповиќ – Цицо. Застапени се и уметници од соседните држави, кои покрај сликарството работеле и акварели – Томислав Кризман, Јован Бјелиќ, Коста Хакман, Петар Лубарда, Предраг Милосављевиќ – Пеѓа, Никола Славин.
Изложбата ќе трае се до 17 февруари 2016.