Во сабота (12.11.2022) во СЦ Дуња беше отворена изложбата „Јадачи на компири“ на авторите Стефан Анчевки и Марија Трпеска. Изложбата беше дел од програмата на СЦ Дуња по повод 6 години постоење на центарот.
Концептот на изложбата „Јадачи на компири“ се состои од колажирани фотографии од знаменотости во градовите на кои се аплицирани компири, алудирајќи на нула (компир) функционалност, функционирање на системот. На настанот ќе биде послужен и поделен печен компир на посетителите во Социјалниот Центар Дуња.
Насловот „Јадачи на компири“ произлегува од истоименото познато дело на Ван Гог кое во суштина претставува семејство кое ја споделува храната, компирите, произведена со сопствена мака и труд. Затоа ние ќе споделиме компири за да го репродуцираме делото и да ја нагласиме важноста на споделувањето и заедништвото.
Стефан Анчевски (Куманово, 1993) дипломирал графика на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Реализира свои самостојни изложби (Скопје, Кочани, Струга, Кичево, Прилеп), учествува на повеќе групни изложби (Крагујевац, Куманово, Скопје, Битола, Пловдив, Угљевик, Неготино, Димитровград, Панчево, Белград, Голубац, Кочани, Виница, Струга, Нови Пазар) и на повеќе ликовни колонии во земјава и странство. Член на ДЛУБ (2022). Живее и работи во Куманово. Во 2019 г. е креативен/арт директор на „Д-фестивал“ – Дојран, а во 2014 г. добитник е на прва награда „TrashForArt“.
Марија Трпеска (Скопје, 1989) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, насока ликовна педагогија со сликарство. Досега има одржано самостојни изложби (Скопје, Прилеп) и учествувал на повеќе групни изложби низ земјава и странство. Добитник на наградата „Четири мајстори на модернизмот“ за сликарство во 2017. Живее и работи во Скопје.