Индиските безбедносни сили убиле најмалку 16 маоистички бунтовници во вооружен судир во централната индиска држава Чатисгар, соопшти денеска полицијата, пренесува Танјуг.
Маоистичките бунтовници, екстремна левичарска група, со децении вршат напади против индиската влада, особено во централните и источните делови на земјата, што доведе до интензивни борби и жртви на двете страни, објави Ројтерс.
За време на претресот во Сукма, во јужниот дел на Чатисгар, безбедносните сили вчера пронајдоа различни видови оружје, соопштија властите.
Бунтовниците тврдат дека се борат да им дадат на сиромашните индиски земјоделци и работници без земја поголема контрола врз нивната земја и поголем дел од минералите што ги експлоатираат големите рударски компании.
Индискиот министер за внатрешни работи Амит Шах вети дека ќе ја елиминира активноста на бунтовниците, а судирите меѓу безбедносните сили и маоистите се интензивираа откако премиерот Нарендра Моди дојде на власт по трет пат минатата година.