Откако Унгарија ги затвори своите граници и примора илјадници бегалци да чекаат на преминот во Рошке од каде бегалците се упатуваа во внатрешноста а подоцна и кон Германија и останатите европски држави, рано наутро, првите автобуси со бегалци од Прешево тргнаа кон Шид во Хрватска.
На привремената станица спроти прифатниот центар во Прешево уште десетина автобуси со натписи „Шид“ и „Хрватска“ се подготвуваат да тргнат кон Хрватска, информира српскиот портал Блиц.
Општина Шид превентивно обезбеди сместување за бегалците. Поранешната детска болница „Принциповац“ е прилагодена за прифатен центар. Во објектот во близина на граничниот премин Сот, има околу 300 кревети, а просторот околу болницата е уреден и е обезбедена вода за пиење.
Хрватската претседателка Колинда Грабар – Китаровиќ според Блиц му испратила писмо на хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, во кое изразила барање за одржување итна седница на Советот за национална бесбедност поради бегалскиот бран, уверена дека ова не е само хуманитарно, туку и безбедносно прашање, и поради тоа, ова прашање заслужува договор на највисоко државно ниво.
На социјалната мрежа Фејсбук, на отворената група за поддршка на мигрантите, коментарите за прифат на бегалците варираат од посакување добредојде до повик, хрватскиот премиер да ги затвори границите со Србија и така да спречи транзит кон европските земји и евентуално задржување на бегалците на хрватска територија.