Холандија продолжува со плановите за воспоставување на првите „центри за враќање“ во Европа надвор од Европската Унија, во кои би можеле да бидат депортирани мигрантите на кои им е одбиено правото да останат во ЕУ, објави Политико.
Според писмото на холандската влада до парламентот, до кое порталот имал пристап, Хаг и неколку други европски земји, исто така, ја разгледуваат можноста за обработка на барањата за азил надвор од територијата на ЕУ.
„Низ Европа, луѓето бараат веродостојни и изводливи решенија за повторно воспоставување контрола врз миграцијата“, рече Барт ван ден Бринк, холандски вицепремиер и министер за азил и миграција.
Тој додаде дека ваквите решенија „сè повеќе добиваат форма“ и се покажале како правно изводливи.
Локацијата на првиот центар сè уште не е објавена, но разговорите со неколку земји надвор од ЕУ се во тек.
Според дипломат од ЕУ, Грција, Германија, Австрија и Данска би можеле да го користат центарот покрај Холандија.
Холандија, исто така, соработува со Данска, Малта и Шведска за можноста за обработка на барањата за азил надвор од Европа.
Италија има сличен договор со Албанија од крајот на 2023 година, но тој модел се соочува со правни предизвици.
Сепак, холандската влада го информираше парламентот дека, по правната анализа на тинк-тенкот Клингендаел, не гледа правни пречки за формирање центар за враќање и надворешен центар за обработка на барања за азил.
Договорот за локацијата би можел да биде објавен во следните шест до седум месеци.
Планот доаѓа во време кога институциите на ЕУ се во завршна фаза на усвојување на закон за миграција што би овозможил формирање на вакви центри.

