„Хибридна војна“: Нов инцидент на Балтикот ги зголеми безбедносните стравови

Сподели со своите пријатели

Германија и Финска рекоа дека се „длабоко загрижени“ по новиот инцидент. Имено, како што беше најавено, пресечен е подморскиот кабел што ги поврзува двете земји.

Loading...

Се истражува кинењето на телекомуникацискиот кабел долг 1.170 километри, а овој инцидент се случува во време на зголемени тензии со Русија.

„Нашата европска безбедност не е само под закана од руската агресивна војна против Украина, туку и од хибридна војна од злонамерни актери“, објавија министрите за надворешни работи на двете земји во заедничката изјава, пренесува Би-Би-Си.

Оштетувањето на нафтоводите во Балтичкото Море во последните години ги зголеми стравувањата од саботажа.

Покрај тоа, 218 километри долгата интернет-врска меѓу Литванија и шведскиот остров Готланд исто така изгубила услуга во неделата наутро, објави шведската телекомуникациска компанија.

Низа инциденти

Во октомври 2023 година, гасоводот меѓу Финска и Естонија беше сериозно оштетен.

Финските власти подоцна изјавија дека инцидентот бил предизвикан од кинески контејнерски брод кој го повлекол сидрото.

Германските обвинители сè уште ја истражуваат експлозијата на гасоводот Северен тек меѓу Русија и Германија во 2022 година.

Loading...

Имаше теории на заговор околу нападот, а Би-Би-Си потсетува дека постоеле шпекулации за тоа дали украинската, руската или американската влада стои зад инцидентот .

Последниот инцидент го вклучува оптичкиот кабел C-Lion1 кој ги поврзува финскиот главен град Хелсинки и германскиот град Росток, кој престана да работи во понеделникот.

Финскиот мрежен оператор Cinia рече дека сите врски со оптички влакна се прекинати.

„Вакви проблеми не се случуваат во овие води без надворешно влијание“, изјави портпаролот на Cinia за локалните медиуми.

Самули Бергстром, експерт за сајбер безбедност на финската влада, рече дека прекинот не влијаел на интернет сообраќајот меѓу двете земји бидејќи имало достапни други кабелски линии.