Општинската организација на ГРОМ од Куманово на прес конференција денеска соопшти дека ќе бара поставување спомен обележје во центарот на градот во чест на загинатите полициски службеници на 9-ти и 10-ти мај во Диво насеље.
Нивниот предлог ќе биде доставен од страна на советник Драги Караџински до Советот на Општина Куманово кој е единствен надлежен орган во градот кој може да донесе одлука по тоа прашање.
Ова спомен обележје ќе ја симболизира желбата на сите нас за мир, слобода и соживот на сите граѓани кои живеат во Република Македонија. Ќе допринесеме да им се поклониме на 8-те херои и да искажеме сочувство и почит кон нивните семејства. Но, ова спомен обележје ќе претставува симбол на гордоста и одлучноста во битката за нашата земја и држава – рече Марта Цветковска, портпарол на ОО ГРОМ Куманово.
Како што истакна Цветковска спомен обележјето ќе биде симбол кој идните генерации и поколенија ќе ги потсетува дека непријатели на оваа мала земја отсекогаш имало и ќе има, но и дека нашиот народ ќе ја чува својата земја.