Гренланд ќе ги зајакне своите врски со Данска додека се стреми кон независност во иднина

Сподели со своите пријатели

Гренланд ќе ги зајакне своите врски со Данска додека се стреми кон независност, изјави во понеделникот новиот премиер на Гренланд, нагласувајќи дека полуавтономната данска територија на крајот ќе стане суверена нација.

Loading...

Јенс-Фредерик Нилсен, 33-годишниот премиер на Гренланд, кој положи заклетва во петокот, ќе ја предводи четирипартиската коалициска влада, соочена со предизвиците од амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп за контрола на островот.

– Во моментов сме во Кралството Данска и се додека сме дел од заедничка држава, мораме да ги градиме нашите односи и нашата соработка за да станат посилни до денот кога ќе можеме да станеме суверена нација – рече Нилсен.

„Имаме силно партнерство со Данска и ќе го надградуваме тоа додека не станеме суверени“, додаде тој, пренесе Ројтерс.

Во исто време, тој рече дека Гренланд сака партнерство со САД врз основа на меѓусебно почитување.

– Гренланд никогаш нема да биде дел од Америка… Сакаме да тргуваме. Сакаме силно партнерство во националната безбедност, се разбира, но го сакаме во меѓусебно почитување. Никогаш нема да бидеме на продажба и никогаш нема да станеме Американци – изјави Нилсен.

На прашањето за изјавата на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс во петокот, кој рече дека Данска не направила добра работа за обезбедување на Гренланд, Нилсен рече: „Во моментов сме во фаза на градење и мораме заедно да најдеме решенија“.

За време на посетата на американската воена база во северниот дел на Гренланд во петокот, Венс ја обвини Данска – која го контролира Гренланд од 1721 година – дека не прави добра работа во обезбедувањето на островот и сугерираше дека Соединетите Држави можат подобро да го заштитат стратешки позиционираниот остров.

Loading...

– Не сакаме да бидеме Американци. Исто така, не сакаме да бидеме Данци во иднина. Сакаме да бидеме независни. Но, во моментов сме дел од Кралството Данска и така ќе остане – додаде Нилсен.