Некогашната југословенска поп – ѕвезда Борис Новковиќ ќе биде дел од целовечерната забава на градскиот плоштад во Куманово, по повод одбележувањето на Денот на градот – 11 Ноември, збогатено со голем огномет и забава за кумановчани.
Прославата за 11 Ноевмри во градот започна со низа настани од културната и спортска сфера, со концерт на Здружението на пензионери одржан на 30 октомври, и со отварање на Циклус на шпански филмови во МКЦ во текот на вчерашниот ден.
Општина Куманово оваа година по повод одбележувањето на 71 година од ослободувањето на Куманово, подготви и други содржини, како што се спортски манифестации и изложба на 3Г ”Карпино” и Ликовна изложба на кумановски ликовни уметници што ќе биде отворена во Уметничката галерија при НУ Музеј Куманово.
Оваа година, свечената седница по повод 11 Ноември ќе биде одржана во реновираната сала на поранешната Зграда на општествено – политички организации, позната во Куманово како Комитет. Седницата ќе се одржи на 11 ноември точно напладне, со претходно полагање на свежо цвеќе на Спомен Костурница во организација на локалната самоуправа на градот.