Со положување на свежо цвеќе пред бистата на својот патрон, денес кумановската Гимназија која го носи името на македонскиот револуционер, одбележа 112 години од загинувањето на Гоце Делчев.
Покрај патрониот празник, СОУ Гимназија ”Гоце Делчев” денес прославува и 70 години од своето постоење и успешна работа. По тој повод, делегации од Општина и Совет на Општина Куманово, Сојуз на борци од градот, општествени дејци и просветари, се поклонија пред бистата на Делчев и одадоа почит кон неговите дела.
[huge_it_gallery id=”27″]
Прославата на патрониот празник во кумановската гимназија помина со низа активности и доделување на награди за успешните творби на тема ”Делaта на Гоце Делчев, најдрагоценото богатство на македонскиот народ”.
Марија Милановска од II2 беше наградена за најдобра напишана творба на распишаниот училишен конкурс.
Ученичката Елена Трпковска пред присутните делегации настапи со исполнување на музичка нумера.
По положување на свежо цвеќе, вработените од Гимназијата ”Гоце Делчев” одржаа свечена седница на која свое обраќање имаше актуелниот директор, Горан Димитријевиќ. По свечениот дел, следеше и културно – уметничка програма збогатена со настап на ученици од гимназијата.
На денешната прослава на патрониот празник, кумановската Гимназија ги пречека и гостите од Петта Гимназија од Санкт Петерсбург, Русија, пристигнати во Куманово во рамки на проектот за размена на ученици.
Кумановските гимназијалци за утре ја најавија традиционалната крводарителска акција на која се очекува да се соберат повеќе од 60 единици крв.