Германија го одобри барањето на француската компанија Фрамато за производство на елементи за нуклеарно гориво под лиценца на руски државни компании.
Берлин донесе таква одлука и покрај политичките резерви поради војната во Украина, со оценка дека нема правна основа за отфрлање на барањето, објави Ројтерс.
Подружницата на Фрамато поднесе барање за производство на елементи за гориво во фабрика на северот од Германија, наменети за нуклеарни централи во Источна Европа кои користат руска технологија, како дел од заеднички проект со руските компании ТВЕЛ и Росат.
Министерството за заштита на животната средина на германската покраина Долна Саксонија, со насоки од федералното Министерство за заштита на животната средина, ја издаде потребната дозвола со одредени услови, иако имаше политички резерви поради соработката со руските државни компании.
Портпаролот на федералното министерство изјави дека владата во Берлин има критички став кон соработката со руските државни претпријатија, но дека одлуката е донесена во согласност со важечкото германско законодавство во областа на нуклеарната енергија.
„Соодветниот инструмент за решавање на ова прашање не се регулативи во областа на нуклеарната енергија, туку санкции на ниво на Европската Унија, вклучително и оние што би го опфатиле нуклеарниот сектор“, се вели во соопштението на министерството.
Се додава дека засега нема мнозинство меѓу земјите-членки на ЕУ што би поддржало воведување санкции кон Русија во областа на нуклеарната енергија, но дека Германија ќе продолжи да се залага за нивно усвојување.
Фраматом ја поздрави одлуката на германските власти, оценувајќи дека таа ќе придонесе за зајакнување на енергетската безбедност на Европа, индустрискиот суверенитет и обезбедување безбедно и разновидно снабдување со нуклеарно гориво за операторите на нуклеарните централи низ целиот континент.

