Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска изјави дека Берлин ќе предложи воведување нови санкции против Русија поради смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и изрази надеж дека наскоро ќе биде постигнат договор за тие санкции во рамките на ЕУ.
По пристигнувањето на Советот на ЕУ за надворешни работи, Бербок го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека употребил „брутална сила“ за репресија на руските граѓани „кои излегуваат на улиците да протестираат за слобода или кои пишуваат за тоа во весниците“, наведува Ројтерс.
„Ќе предложиме нови санкции земајќи ја предвид смртта на Алексеј Навални“, рече Бербок.
Кога станува збор за ситуацијата на Блискиот Исток, Бербок изјави дека ставот на Германија е дека Израел има право на самоодбрана, но се додека тоа е во согласност со меѓународното хуманитарно право.
Таа повика на хуманитарен прекин на огнот, додава Гардијан.
„За нас е од најголема важност да постигнеме мир на Блискиот Исток, а тоа значи дека ни треба хуманитарен прекин на огнот. Ни треба ослободување на заложниците. Ни треба Хамас да го остави оружјето и ни треба почитување на меѓународното хуманитарно право “, рече таа. Бербок.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел претходно денеска во Брисел изјави дека земјите-членки на ЕУ ќе предложат санкции против одговорните за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, а како што тврди „самиот Путин е одговорен“.
Министрите за надворешни работи на ЕУ за време на денешниот состанок во Брисел ќе разговараат за ситуацијата на Блискиот Исток, војната во Украина, ситуацијата во Сахел и други прашања.