Француската десница нема да гласа за Урсула фон дер Лајен

Сподели со своите пријатели

Француските пратеници во Европскиот парламент (ЕП) од десничарската партија „Републиканци“ (Les Republicains) кои ќе бидат избрани во јуни, нема да гласаат за вториот мандат на Урсула фон дер Лајен на чело на Европската комисија, дури и ако таа е нивниот кандидат на пратеничката група на Европската народна партија (ЕПП), соопштија денеска од партијата.

Loading...

„Нема да ја поддржиме на изборите, бидејќи сметаме дека нејзините резултати не се во согласност со она што денес го очекува Европа“, изјави претставникот на „републиканците“ Франсоа-Ксавиер Белами за радиото Франс Интер.

Урсула фон дер Лајен, која во понеделникот најави дека ќе се кандидира за втор мандат, на почетокот на март треба да биде именувана за кандидат на ЕПП, во која е и француската партија „Републиканци“.

Агенцијата Франс прес оценува дека со осум членови на ЕП во заминување во споредба со 29-те на германската партија ЦДУ, француските „републиканци“ имаат мала тежина во рамките на ЕПП.

„Републиканците“ не ја поддржаа Урсула фон дер Лајен ниту во 2019 година, рече Белами и додаде дека недостатокот на поддршка е затоа што таа „беше кандидат на (францускиот претседател) Емануел Макрон.

Белами рече дека десницата ѝ замерува на Урсула фон дер Лајен поради тоа што покажала преголема интимност со францускиот претседател.

„Републиканците“ кои се во опозиција во Франција, најмногу ја критикуваат претседателката на ЕК дека нејзината политика е „премногу еколошка“ и дека предизвикала незадоволство кај земјоделците ширум Европа.