Фон дер Лајен силно го осуди ракетниот напад на Иран врз Израел

Сподели со своите пријатели

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска остро го осуди иранскиот балистички ракетен напад врз Израел и предупреди дека таквите акции ја загрозуваат регионалната стабилност и водат до ескалација на тензиите во „веќе крајно нестабилна ситуација“.

Loading...

Фон дер Лајен ги повика „сите страни да ги заштитат животите на невините цивили“.

„Силно го осудувам вчерашниот балистички ракетен напад на Иран врз Израел. Ваквите дејствија ја загрозуваат регионалната стабилност и ги ескалираат тензиите во и онака крајно нестабилна ситуација“, се вели во изјавата на Фон дер Лајен објавена на веб-страницата на Европската комисија.

Таа повтори дека ЕУ повикува на прекин на огнот долж либанско-израелската граница и во Газа, како и за ослободување на сите заложници.

Претходно високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, изјави дека ЕУ најостро го осудува иранскиот напад врз Израел, кој, како што рече, претставува сериозна закана за регионалната безбедност.

Тој повтори дека ЕУ е посветена на безбедноста на Израел, се вели во соопштението објавено од Советот на ЕУ.

„Уште еднаш, опасниот циклус на напади и репресалии ризикува да поттикне неконтролирана регионална ескалација што не е во ничиј интерес“, предупреди Борел.

Тој нагласи дека ЕУ е целосно посветена на намалување на тензиите и придонесување за деескалација на ситуацијата со цел да се избегне „опасен регионален конфликт“.

Loading...

Борел додаде дека ЕУ ќе продолжи да биде во близок контакт со сите актери за да се постигне таа цел и ги повика сите страни на воздржаност.

Синоќа, Иран истрела околу 180 балистички проектили врз Израел како, според Иранската револуционерна гарда, одговор на убиството на политичкиот водач на Хамас Исмаил Ханије, лидерот на Хезболах Хасан Насрала и заменик командантот на операциите на иранскиот корпус на револуционерната гарда, Абас Нилфорушан.