ЕУ ќе отвори Европска куќа во Куманово

Сподели со своите пријатели

Делегацијата на Европската Унија во Македонија ќе отвори Европска куќа во Куманово, а денеска општината им отстапи и простор за таква намена.

Советот на Општина Куманово денеска ја изгласа предлог – одлуката за давање на користење без надомест на деловен простор на Делегацијата на Европската Унија во период од осум години во строгиот центар на градот.

Станува збор за простор од 48 квадратни метри во Занаетчискиот дом во центарот на градот, каде претходно функционираше кафуле.

Европската куќа за Североисточниот плански регион досега функционираше во Крива Паланка, беше отворена во февруари 2021 година како проект на Делегацијата на ЕУ наменет за младите.

Центарот служи како место за средби, едукација и вмрежување, каде се организираат дебати, културни настани, работилници, изложби, филмски проекции и активности поврзани со програмите на Европската Унија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Започна реконструкцијата на „Бајрам Шабани“, ќе се асфалтира целата траса (ФОТО)

Според официјалните информации на проектот, низ годините таму се реализирани стотици настани со учество на илјадници млади од североисточниот регион.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, истакна дека досега Куманово немало соодветен простор кој ги исполнувал барањата на Европската Унија, па затоа таа била отворена во Крива Паланка.

– Европска куќа во Североисточен плански регион беше во Крива Паланка и сите манифестации поваѓаа од Крива Паланка, за жал во Општина Куманово немаше простор каков што бараа, а тоа е во центар на Куманово за да бидат подостапни на граѓаните, особено на младите луѓе, изјави Ѓорѓиевска.

Таа додаде дека општината пронашла соодветна локација во централното градско подрачје и дека постои интерес Европската куќа да биде дислоцирана во Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Прогноза за Куманово: Какво ќе биде времето за продолжениот викенд?

– Кога имавме средба со евроамбасадорот моето прашање беше зошто во Крива Паланка, а не во Куманово и тогаш ми објаснија дека бараат простор и се дислоцираат од Крива Паланка во Куманово како во центар на Североисточен плански регион да отворат Europe House затоа што мислам дека тука им е местото, рече Ѓорѓиевска.

Членката на Советот на Општина Куманово, Моника Марковска, оцени дека отворањето на ваков центар може да донесе значајни придобивки за младите во градот.

– Станува збор за проект на ЕУ кој веќе постои во неколку градови на нашата држава, каде што се организираат различни обуки, работилници, дебати, младите добиваат информации за Еразмус проекти, стекнуваат вештини од јазичен карактер, како и ИТ вештини, сето тоа им е бесплатно“, изјави Марковска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Атлетскиот клуб Куманово повторно е шампион на Македонија (ФОТО)

Според неа, Европската куќа би можела да стане место каде младите ќе ги развиваат своите идеи, ќе стекнуваат нови знаења и полесно ќе пристапуваат до можности за образование, волонтерство и меѓународна соработка.

– Можеби најважно е дека младите ќе добијат чувство дека кај нас ќе се случува нешто корисно и современо. Ваквиот простор може да биде мала, но сепак важна инвестиција во иднината на младите затоа што најголемата вредност што еден град може да ја создаде се луѓето да останат, работат и ќе придонесуваат токму тука, нагласи Марковска.

Со оваа одлука, Куманово за првпат би добило Европска куќа, која би била нов регионален центар за младински активности, едукација и промоција на европските програми во Североисточниот плански регион.

Никола Ивановски