Земјите-членки на Европската унија денес се согласија да ја продолжат привремената заштита за луѓето кои ја напуштија Украина поради војната до 4 март 2028 година, објави Советот на ЕУ.
Одлуката ќе им овозможи на повеќе од четири милиони раселени Украинци да продолжат да уживаат во правото на престој, пристап до пазарот на трудот, здравствена и социјална заштита, како и образование за децата во земјите-членки на ЕУ.
Ирскиот министер за правда, внатрешни работи и миграција, Џим О’Калаган, изјави дека продолжувањето на заштитата им обезбедува стабилност на луѓето кои пронашле безбедност во Европската Унија и ја потврдува континуираната поддршка за Украина.
Членовите на ЕУ, исто така, се согласија дека во иднина, привремена заштита ќе им се дава само на нови кандидати кои можат да докажат дека ги исполниле своите воени обврски кон Украина, пренесува Танјуг.
Се наведува дека оваа мерка нема да се применува на лица кои веќе го користат статусот на привремена заштита во ЕУ.
Привремената заштита за украинските бегалци првпат беше воведена во март 2022 година, по почетокот на војната во Украина, и моментално ја користат околу 4,38 милиони луѓе низ Европската Унија.
Советот на ЕУ треба формално да ја усвои одлуката во наредните недели, по што таа ќе стапи на сила со објавување во Службениот весник на ЕУ.

