Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека односите меѓу Турција и САД покажуваат позитивен тренд, откако постигна напредок во договорот за продажба на американски авиони Ф-16 на Анкара, објавија денеска турските медиуми.
Ердоган во средата на новинарите за време на повратниот лет од Каиро изјави дека има се повеќе прашања за кои Турција и САД се согласуваат и дека моментално нема негативен тренд во односите меѓу двете земји, пренесува Танјуг.
Зборувајќи за конфликтот во Појасот Газа, Ердоган оцени дека нема да има мир доколку Израел не ги прифати најосновните права на палестинскиот народ и формирањето на палестинска држава во границите од 1967 година, јави Анадолија.
Ердоган истакна дека Турција ќе ја зголеми соработката со Египет за да се осигура дека, како што наведе, ќе се запре „масакрот во Газа“ и ќе се постигне трајно и одржливо решение за палестинскиот народ.