Демократски ориентирана новинарка Екатерина Дунцова, противник на војната во Украина, има намера да биде противкандидат на рускиот претседател Владимир Путин на претседателските избори во март 2024 година, но до нејзиното учество на изборите има долг пат, јавува Дојче веле.
Дунцова, која има 40 години и е самохрана мајка на три деца, е спротивна на рускиот лидер, според ДВ, додавајќи дека сака да му понуди „вистинска алтернатива“ на Путин.
„Денес ситуацијата во Русија е ваква: оние кои би можеле да претставуваат граѓани со демократски ставови на претстојните избори се или во затвор или нивните права се ограничени, гонети или принудени на егзил. Зошто жена да не биде претседател? Симбол на благост, добрина и чувства“, изјави Дунцова за ДВ.
На 8 декември Путин објави дека ќе биде кандидат на претседателските избори по петти пат, додека Дунцова, телевизиска новинарка од Ржев, град со 60.000 жители на 200 километри западно од Москва, ја објави својата кандидатура еден месец порано.
Сепак, до нејзиното учество на изборите претстои долг пат, бидејќи до 31 јануари треба да собере 300.000 потписи за поддршка, што не е лесна задача за жена која досега била активна само како политичар на регионално ниво.
За разлика од Путин, кој е номиниран од националистичко-конзервативната владејачка партија Единствена Русија, Дунцова нема партија зад себе.
Веднаш штом ја објави својата намера да се кандидира против Путин, ја прашаа каков е нејзиниот став во однос на руската „специјална воена операција“ во Украина, како што Москва ја нарекува инвазијата на таа земја.
Дунцова вели дека се залага за мир, но инвазијата на Украина не ја нарекува војна.
Таа внимателно ја одмерува секоја изјава за да не го прекрши законот кој забранува „дискредитација на руската армија“, што може да резултира со долга затворска казна, пишува ДВ.
Бидејќи таа досега не се соочила со сериозни последици, некои критичари заклучија дека таа би можела да биде лажен предизвикувач на Путин, поставен со негово одобрение за да и даде на претседателската трка изглед на вистински натпревар.
Сепак, прогонетиот политички аналитичар Абас Гаљамов, кој пишуваше говори за Путин до 2010 година, а потоа му го сврте грбот, не гледа причина да се сомнева во искреноста на Дунцова.
„Таа има добра репутација како ангажирана личност со правилни идеи. Како личност која се бори за своите идеали, а не како личност која води опортунистичка политика“, вели Гаљамов за ДВ.
Ако Дунцова е навистина противник на Путин, Кремљ има начини да ја искористи за свои цели или едноставно да и оневозможи да се кандидира, а Гаљамов наведува дека се можни две сценарија.
Првото сценарио е дека Кремљ ѝ дозволува на Дунцова да ги собере потребните потписи и да биде кандидат на изборите.
Во тој случај може да се искористи за легитимирање на победата на Путин, но и за руска пропаганда во случај на наводна фер победа на рускиот лидер над кандидат кој е против војната, рече Гаљамов.
Друга можност е Кремљ воопшто да не дозволи кандидатура на Дунцова, наведува Гаљамов, кој укажува дека за Путин „постои голем ризик таа да добие преголема поддршка и премногу гласови, особено ако ситуацијата на фронтот се влоши за време на изборна кампања, која не може да се исклучи“.
Дунцова сака да се кандидира иако е свесна дека спротивставувањето на Путин може да биде опасно, бидејќи неговите најстроги критичари, Алексеј Навални, Илја Јашин или Владимир Кара-Мурза, се осудени на долги затворски казни.
„Изгледите можеби не се многу добри, бидејќи сите видовме што се случува со луѓето кои ги објавуваат своите ставови на еден или друг начин – тие се обвинети дека се странски агенти или се гонети. Но, би сакала да верувам во најдобриот исход. – рече таа.
На Телеграм таа наведува дека сака да се кандидира „затоа што би сакала Русија да биде демократска, мирна и социјална држава“ и укажува дека земјата моментално се движи „во сосема спротивна насока: се оддалечува од правата и слободите, од љубов и мир, од убава иднина“.
Дунцова веќе се соочи со неколку пречки. Таа вели дека банката ја блокирала можноста за плаќање на нејзината сметка неколку минути откако побарала финансиска поддршка за нејзината кампања преку социјалните мрежи.
Таа наведува дека на изборниот митинг на 17 декември немало само 700 нејзини приврзаници, туку и припадници на локалната полиција, а потоа снемало струја.
„Веројатно допрва ќе има мали проблеми кои заедно успешно ќе ги решаваме“, вели Дунцова.