Два пожара што избувнаа истовремено во пошумена област западно од Лион зафатија околу два хектари вегетација, но пожарникарите успеаја да ги стават под контрола во текот на вечерта.
Пожарите избувнаа во општината Вонер, околу 15 километри западно од Лион, во близина на превојот Кол де ла Фосе, објави Фигаро.
Поради недостаток на ветер, пожарот не се прошири на околното подрачје ниту ги загрози куќите на околните ридови, па затоа никој не мораше да биде евакуиран.
83 пожарникари со 18 возила, како и противпожарен хеликоптер, учествуваа во операцијата за гаснење.
Откако пожарот беше ставен под контрола, пожарникарите продолжија да го натопуваат и следат подрачјето за да спречат повторно појавување на пламенот. Утрово, околу 15 пожарникари останаа во областа на пожарот, додека на некои места сè уште имаше чад.
Посебно внимание на истражителите привлекува фактот дека два пожара избувнаа речиси истовремено, на различни страни од превојот, што беше потврдено од неколку извори. Затоа пожарникарите се сомневаат дека пожарот е намерно подметнат, но конечниот одговор ќе го даде полициската истрага.
Според достапните информации, од почетокот на летото веќе се регистрирани неколку пожари во таа област.

