Европа мора да влезе во трката за вооружување што ја започна Русија и мора да победи, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.
„Изгубивме многу време во однос на градењето на одбранбениот сојуз. Но, денес сè е навистина променето. Зборувам и за предлогот на Европската комисија за мобилизирање до 800 милијарди евра и определбата на сите мои соговорници. Тоа го потврдија на состаноците во Париз и Лондон“, изјави полскиот премиер на новинарите пред почетокот на самитот на ЕУ во Брисел.
Туск рече дека кога зборувал за потребата да се создаде одбранбен сојуз, имал „повеќе надеж отколку убедување“ дека тоа дури и ќе биде можно.
„И јас тогаш реков дека нема време за губење. Сите се решени да го прифатат овој предизвик“, нагласи тој, пренесе агенцијата ПАП.
„Нема сомнеж дека војната во Украина, новиот пристап на американската администрација кон Европа и, пред сè, трката во вооружување што ја започна Русија ни поставуваат сосема нови предизвици. Европа мора да ја преземе оваа трка во вооружување и мора да победи. Убеден сум дека Русија ќе ја загуби оваа трка, исто како што СССР загуби слична трка за вооружување пред 40 години“, нагласи Туск.
Тој нагласи дека тоа е „единствениот начин“ да се избегне конфликт од поголеми размери, пренесува Танјуг.