На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна на најниско ниво оваа година.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 101,34 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 101,85 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута потона од вчерашните 146,50 на 144,95 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,1130 долари, највисоко ниво годинава, додека вчера во овој момент беше 1,1080 долари.
Цените на нафтата, пак, благо паднаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово се лизна за 0,13 отсто, на 77,10 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,19 отсто, на 73,05 долари.