Околу половина милион денари ќе се издвојат од општинскиот буџет за финансирање на 30 спортски турнири следната година, одлука која ја усвоија советниците на вчерашната седница.
Советничката расправа по оваа точка од дневниот ред беше долга и со жестоки расправи помеѓу советниците, при што советниците од ДПСМ во советот обвинија дека во извештајот на Сојузот на спортови на општина Куманово не пишува колку пари ќе добие секој турнир, ниту кој е организатор на истите, па така не се знае каква ќе биде распределбата на оваа сума на пари.
Претходните предлог програми беа со недостатоци, но сега имаме предлог за 2016 година кој е послаб и од претходниот – рече совеникот Саша Николиќ.
Николиќ заедно со совеникот Бобан Китановиќ обвинија дека и предвидените средства не се исплаќаат, затоа што српската заедница која е организатор на Видовденскиот турнир во фудбал се уште нема добиено исплата на предвидените средства.
Градоначалникот Зоран Дамјановски истакна дека Сојузот на спортови со години функционира според програмата за спортски здруженија. Тој заедно со советникот Младен Давидовиќ велат дека треба да се направат измени од страна на Владата, со што би се подобриле законските регулативи во корист на спортот.
Има конфузија во јавноста за тоа што е професионален спорт, а тоа се фудбал, кошарка и машки ракомет, според Агенцијата за млади и спорт. Ние сме во ситуација да се бориме со стопански субјекти да ги финансираме овие спортски манифестации и клубови, а со овој фонд кој го имаме е тешко да се успее – рече Дамјановски.
Сашо Петрушевски, претседателот на Општинскиот сојуз на спортови, пред советниците истакна дека средствата точно не можат да се предвидат затоа што некои од турнирите се откажуваат, а се случува да дојдат и повеќе или помалку екипи од предвиденото со што не може да се утврдат фиксни средства во предвидените 500.000 денари.
Инаку додатно за осумтте врвни спортски клубови од општината ќе бидат издвоени средства во висина од 10,5 милиони денари, како подршка на локалниот спорт.
Пари ќе бидат предвидени и за Сојузот на училишен спорт, како основен двигател за развојот на спортскиот дух во градот.
Предлог одлуката по долгата и напорна расправа меѓу советниците на крајот сепак беше изгласана.