Вработените во кумановската градинка „Ангел Шајче“ во понеделник накратко ќе ја прекинат работата за да го искажат револтот од доцнење на платата за јуни.
Одлуката, како што соопштија денекса од регионалниот одбор на СОНК Куманово, ја донеле по вчерашниот состанок со членството на синдикалната организација од градинката и претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков.
Вработените незадоволството ќе го изразат утре пред управната зграда од 12:40 до 13:15 часот.
– Ако не се исплати платата, ќе продолжиме со протести, првин пред општината, а подоцна и во центарот на Куманово, изјави претседателка на регионален одбор на СОНК и претседател на синдикална организација во градинката, Цветанка Митевска.
Причина за неисплатената плата, како што наведуваат, е несогласување помеѓу институциите, градинката, општината и Министерствата за финансии и труд и социјална политика.
Во кумановската градинка вработени се 232 лица од кои 155 се членови на синдикатот.
Никола Ивановски