Научниците сметаат дека поради глобалното затоплување, односно забрзаното топење на мразот на Гренланд и Арктик, нивото на морето би можело значително да порасне далеку повеќе од што се претпоставувало, пишува ВВС.
Имено, досега се верувало дека до 2100 година нивото на морето би можело да порасне за еден метар, а споре днајновата студија, реалното ниво на морето би можело да порасне за дури 2 метри.
Истражувањето е објавено во списанието „Зборник на трудови на Националната академија на науките“.
Кога Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) во 2013 година го објави својот 5ти извештај, предупреди дека понатамошното затоплување на планетата би можело да доведе до раст на нивото на морето до 52 до 98 сантиметри до 2100 година.
Според најновата проценка, ако ефектите на стаклена градина не се намалат, нивото на светското море многу веројатно ќе порасне за 62 до 238 сантиметри во следните 80 години. Растот на нивото на морето за околу два метри би имало катастрофални последици за планетата.
Научниците пресметале дека во тој случај на светот би му недостасувале 1,79 милиони квадратни километри населива површина, што е еднакво на површината на Либија. Поголемиот дел од тоа земјиште би се наоѓал на подрачја за одгледување храна, како што е на пример делтата на Нил.
Би биле загрозени и големи крајбрежни градови како Лондон, Њујорк и Шангај.
– Сириската бегалска криза резултираше со доаѓање на околу милион бегалци во Европа. Но, бројот на мигранти ќе биде за 200 пати поголем ако нивото на морето порасне за два метри, рекол физичарот Џонатан Бамбер од Универзитетот Бристол.
Авторите на студијата нагласуваат дека се уште има време да се избегне вакво застрашувачко сценарио, особено ако во следните децнии значително се намалат ефектите на стаклената градина.
Експертите навеле дека можноста за ваквото најлошо сценарио изнесува 5 отсто.
– Да ви кажам дека постојат пет отсто шанси дека ќе ве прегази автомобил доколку ја преминете улицата, не би се ни доближиле. Дури и веројатноста од 1% значи ека поплавата која се случува само еднаш во сто години би можела да се случи за време на нашиот живот. Мислам дека веројатноста од пет отсто претставува сериозен ризик за нашата планета, рекол Бамбер.