Коалицијата никогаш не функционирала подобро, и на државно и на локално ниво, вели денеска градоначлникот на Општина Куманово Максим Димитриевски по критиките од опозицијата дека вчерашната седница на Советот на Општина Куманово била прекината поради недоразбирање и распад на коалицијата меѓу ЗНАМ, ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.
– Никогаш не функционирала подобро коалицијата како во овој момент и на државно и на локално ниво. Одлагањето на седницата е од технички причини, ако немате доволен број на советници во сала согласно деловникот претседателот е должен да постапи така, инаку крај е на годишни одмори и разбирливо е дека одредени советници не се физички присутни тука во државата, рече Димитриевски.
Како што вели, „оваа опозиција знае само да критикува и блокира“.
– Оваа опозиција и на локално и на централно ниво не знае ништо друго освен критика и да ги блокира сите процеси за развој на општина куманово и тоа е повеќе од евидентно, но тоа е нивна работа, а ние ќе работиме така како што знаеме. Ќе се обидеме да ги подобриме условите во коишто работиме секојдневно во нашиот град и државата, додаде Димитриевски.
Инаку вчера беше прекината седницата на Советот на Општина Куманово на која на дневен ред имаше над 100 точки.
Претседателката Ивана Ѓорѓиевска рече дека е поради недостаток на кворум на советници во салата, но опозицијата во тоа виде несогласувања во коалицијата.
Никола Ивановски
