Димитриевски: Членството треба да одлучи кој ќе биде следниот лидер на СДСМ, очекувам оставката на Заев да биде реализирана

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, вечерва во централниот Дневник на телевизија Сител потенцираше дека победата во Куманово ја издвојувале граѓаните и ќе продолжи да работи уште попосветено во реализација на програмата.

Loading...

На прашањето каде е грешката на СДСМ за резултатот од локалните избори, Димитриевски истакна дека во време на опозиција СДСМ имала јасен концепт, визија и идеа како да се води државата, но, за жал откако е на власт работите се променија.

„Можеби, од преземањето на апсолутната власт, на локално и централно ниво дојде до една аздисаност од власта и поединци се трансформираа во нешто што се боревме во минатото против такво едно неодговорно однесување, нерешавање на проблемите. Малку внимание и посветеност на трудот, социјалата, образованието и другите перспективи, а премногу посветеност на надворешната политика. Еве сега се плати цехот, граѓаните го кажаа своето, а тие никогаш не грешат. Поединци сметаат дека треба да бидат на одредени функции доживотно. Нема непроменлива функција, ниту непроменлив политичар. Едноставно, се подзабораваат и се претвораат во инструмент, лукративно-клиентелистичкиот пристап си го зема своето, и секако лојалистичкиот пристап – она што сака да го чуе полибирото тоа што им одговара, а не тоа што е суштински. Имав низа случаи, не само јас, туку и други членови од партијата јасно укажуваа за пропустите кои се правеа во делот на средствата од Фондот за иновации, па аферите во Министерството за здравство, сите оние пропусти кои се случуваа поврзани со одредени афери, а од друга страна немаше суштински, кадровски промени. Во минатото, во периодот на опозиција излеговме со еден проект чесна понуда кој не го реализиравме во пракса, туку се одеше по принципот „јас тебе војводо, ти мене сердаре“, на само себе позиционирање на поединци коишто мораа да возвратат на тие коишто ги поставиле, граѓаните тоа го гледаат и казнуваат“, рече Димитриевски.

Во однос на победата, тој информираше дека добил голем број на честитки од страна на сопартијците во СДСМ, од актуелни и поранешни носители на
јавни функции.

„Мислам дека четири дена по изборите добив порака и од мојот претседател господинот Зоран Заев, му возвратив на таа порака. Добив честитки и од
позицијата од СДСМ, добив честитки и од високи функционери од опозицијата и од другите политички партии. Никогаш не сум имал заладување на односите со членството на СДСМ, но имав сериозно заладување на односите со дел од лидершипот на СДСМ. Не чувствувам некое затоплување на тие односи, бидејќи не постои некоја интензивна или сериозна комуникација. Таа е сведена можеби повеќе преку еден, друг или трет, којшто се пренесуваат пораки, што мислам дека е беспотребно. Јас како актуелен градоначалник на Куманово, во моментов имам исклучива обврска кон граѓаните на Куманово. Тргнав со еден концепт „За наше Куманово“ и да го реализирам во целост, граѓаните се приоритет за мене“, изјави Димитриевски.

Во централниот Дневник, Димитриевски посочи дека очекува оставката на Заев да биде реализирана.

„Тој тоа го најави, го поздравувам, бидејќи тоа е еден вистински пример како треба да се развива демократијата во нашата држава. Но, за жал, голем дел на луѓе од неговото опкружување кои можеби беа туторите на главните политики во партијата се уште молчат, а тие треба да излезат јавно и да сносат одговорност, како тоа СДСМ од една добра позиција, дојде во една таква состојба. Не можам да предвидам што ќе се случува, можам отворено да кажам што не сакам да се случи. Не сакам да се случи да избереме лидер марионета. Не сакам да се случи да избереме раководство коешто ќе биде во функција на некого или на поранешното раководство. На СДСМ му е потребен сериозен тим на луѓе кои ќе продолжат да анимираат сериозни позитивни политики за граѓаните и државата“, додаде Димитриевски.

Димитриевски потенцираше дека членството е тоа коешто согласно статутот избира лидер и членството треба да одлучи кој ќе биде следниот лидер на СДСМ.

Loading...

„Никогаш не сум го кажал тоа во јавноста дека имам такви амбиции. Еднаш мислам дека реков кај вас во студио дека човек без амбиции не треба да се занимава со политика, но, во овој момент не размислувам за такво нешто, иако сите опции се отворени, бидејќи членството е тоа кое во внатрепартиска постапка треба да го даде своето видување и мислење. СДСМ е многу голема политичка партија. Своевремено броеше и над 120 илјади членови. Треба да им се даде можност на сите, и на овие членови кои денеска имаат пластични, електронски картички, но и на оние членови кои некогаш имаа сини книшки и знакот ружа како бренд на Социјалдемократскиот сојуз да одлучуваат“, истакна Димитриевски.