Денес под влијание на нов влажен бран ќе има локални врнежи од дожд, особено во западните делови, каде на повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува и засилен јужен ветер (и над 70 км/час). Кон крајот на денот врнежите ќе се прошират на повеќе места, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во текот на утрешниот ден ќе има заладување и поинтензивни врнежи, кои во текот на денот почнувајќи од север ќе преминуваат во снег. До недела наутро насекаде ќе се формира снежна покривка, најмногу на планините во западните делови, каде се очекува повеќе од 50 см нов снег. На повеќето пониски места снежната покривка ќе изнесува од 10 до 20 см, предупредуваат синоптичарите на УХМР.
Врнежите ќе престанат во недела, а од понеделник се очекува стабилизирање со значително пониски температури на воздухот. Најстудено ќе биде во вторник и среда наутро кога на повеќе места температурата ќе се спушти под -15 степени.