Денес во Брисел ќе се крои конечното решение за политичката криза во Македонија

Сподели со своите пријатели

Во зградата „Берлемон на Европската комисија во Брисел денеска лидерите на четирите најголеми политички партии од Република Македонија, Никола Груевски (ВМРО-ДМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Мендух Тачи (ДПА) и Али Ахмети (ДУИ) заедно со еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, ќе имаат клучни преговори со цел ставање на крај на политичката криза во земјата, јави дописникот на МИА од Брисел.

Loading...

Покрај македонската политичка четворка, од страна на Европската унија, покрај комесарот Хан, се очекува да присуствуваат и известувачот за Македонија од Европскиот парламент, Иво Вајгл и евроамбасадорот во Скопје, Аиво Орав, како и првиот човек на амбасадата на Соединетите американски држави во Македонија, Џес Бејли.

Тоа значи дека истите политички лидери од Македонија и истите олеснувачи од минатата недела во Скопје, што договорија рамка за постигнување на конечен договор, што предвидува и одржување на предвремени парламентарни избори најдоцна до април идната година, денеска седнуваат, се чини за последен и конечен пат на маса во европската престолнина.

Според информациите од неформалната Влада на Европската унија, денеска најпрво се предвидени издвоени, 45-минутни средби на комесарот Хан со Заев и неговата делегација во која се и Рената Дескоска-Треневска и Радмила Шекеринска (предвидено за 11:00 часот), како и со премиерот Груевски, кој е со Мартин Протоѓер, Никола Попоски и Никола Тодоров, а е предвидено билатерално да се сретне со комесарот меѓу 12:15 и 12:30 часот.

По „билатералките со Заев и Груевски, околу 13:00 часот се очекува четворицата политички лидери од Македонија, плус Хан, Вајгл, Орав и Бејли да седнат на заедничка маса и да се договорат за ставање крај на политичката криза.

Според очекувањата на Еврокомисијата, денеска треба да биде постигнат договор, бидејќи доколку македонските политички лидери тоа не го сторат, посебно по постигнатата рамка за договор во Скопје, тогаш ќе опадне ентузијазмот за посредување на Хан, а можно е тој и да отпадне од понатамошните преговори и истите во иднина да ги посредува евроамбасадорот во Македонија, Аиво Орав. Тоа би било и голем неуспех за Хан, откако во ноември минатата година ја превзеде палката за ЕУ-проширување од Штефан Филе, бидејќи Македонија е првата сериозна задача што самиот си ја зададе и цврсто и одлучно директно се впушти во решавање на политичката криза во земјата и унапредување на нејзиниот статус во евроинтеграциите.

Најавите се дека договорената рамка од состанокот во Скопје минатата недела е просторот во кој се очекува да се движат утрешните преговори и тие да завршат со организирање на предвремени парламентарни избори до април 2016 година со транзициски период од два-три месеци, додека во меѓувреме ќе се работи на поправање на Изборниот законик, реформи во судството, засилено владеење на правото и слобода на изразување и на медиуми.